Момчето кое се здоби со сериозни повреди на рбетниот столб додека летувало во Кушадаси е во стабилна состојба, а лекарите бележат подобрување. Директорот на Клиниката за трауматологија Игор Мерџаноски информираше дека пациентот од денеска почнал нормално да се храни, а веќе е започната и физикална терапија.

„Параметрите витални се добри, вчера имаше зголемена температура, направени се тестови, негативни се тестовите на било каква инфекција, најверојатно е од самиот транспорт и од операцијата која што е направена. Од денес е почнато да се храни преку уста така што имаме подобрување во општата состојба. Физикалците кои што се наоѓаат во единицата за интензивно лекување веќе почнуваат да работат со пациентот“, вели Мерџаноски.

Според него, ваквите повреди најчесто се случуваат во летниот период, особено при невнимателно скокање во вода која може да биде плитка или со камења, при што постои ризик од сериозни повреди на рбетниот столб, траен инвалидитет, па и смртен исход.

Мерџаноски предупреди и на зголемен број повреди поврзани со високите температури, особено кај градежни работници и повозрасни лица.

„Имаме доста пациенти кои што паѓаат на работа, се градежни работници кои што се паднати, имаме пациенти кои што возат возило, колабираат од топлината. Така да има доста пациенти кои што се паднати како колабирани и настанати фрактури, тоа се повозрасни пациенти“, вели Мерџаноски.

Момчето беше итно оперирано во Турција, по што со владиниот авион беше транспортирано во Македонија и пренесено на Клиниката за трауматологија, каде го продолжува лекувањето.