Со низа настани денеска се одбележува 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски. Собраниска и владина делегација ќе положи цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски пред Националната универзитетска библиотека во Скопје. Во Собранието ќе биде врачена државната награда „Св. Климент Охридски“.

Во состав на владината делегација ќе бидат заменик министерот за правда Агим Нухиу, заменик министерот за финансии Филип Николоски и заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, а во состав на собраниската делегација потпретседателот Горан Мисовски, Даниела Марковска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Во областа на воспитанието и образованието, годинава наградата ќе му биде доделена на универзитетскиот професор доктор Африм Османи. Наградата за остварување во областа на културата и уметноста им се доделува на писателот – академик Влада Урошевиќ и на ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, а наградата за остварување во областа на здравството му се доделува на кардиохирургот професор доктор Сашко Јовев.