Два часа откако почна судењето за пожарот во тетовската модуларна болница, текот на главната расправа беше одложен за 27 декември во 10 часот.

До одложување дојде поради несогласување на бранителите на сите обвинети околу презентацијата на доказите од страна на Обвинителството. Тие бараа обвинителот да ги чита сите докази, наместо, како што рекоа, да ги цитира само насловите. Воедно имаа забелешка дека дел од насловите не се содржани во листата на докази кои како Обвинителство ги доставиле до Судот.

За продолжението на главната расправа адвокатите писмено ќе се произнесат по однос на доказите кои ги нуди Јавното обвинителство, а кои не се во бараната форма односно содржина со цел да се избегне одолговлекување на постапката заради чести упаѓања во негирањето на доказите понудени од Јавниот обвинител. Обвинителот се согласи на тоа со оглед дека е во интерес на кривичната постапка по што судот ја одложи главната расправа. Терминот е усогласен по барање на странките.

Претходно на самиот почеток, обвинетите – директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице по прозивката на судијата, истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

До судење дојде откако на 27 јули 2022 Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинжинер и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.

Пред два дена започна и отстранување на остатоците од изгорената модуларна болница