Народниот правобранител отвори предмет за поплавите во Кичево

Народниот правобранител формираше предмет поради сериозната состојба предизвикана од поплавите во Кичево. Според првичните сознанија, базирани на фотодокументација и информации од граѓани, зафатени се јавни сообраќајници, станбени куќи и објекти од јавен интерес.

Од институцијата оценуваат дека ваквата состојба претставува директна закана за безбедноста, здравјето и имотот на населението. До надлежните институции е испратено официјално барање за итна и сеопфатна анализа на причините што довеле до настанатата состојба.

Нови поплавувања поради дождот, апели за помош

Утринските врнежи од дожд предизвикаа нови поплавувања на домови, по што дел од граѓаните побарале интервенција од Центарот за управување со кризи. Надлежните посочуваат дека сите граѓани и компании кои сакаат да помогнат во справувањето со кризата, донациите треба да ги реализираат преку Црвениот крст, со цел да се обезбеди евиденција и транспарентност на помошта.

Над 250 лица згрижени, водостојот и натаму критичен

Повеќе од 250 граѓани се привремено сместени во Спортскиот центар во Кичево. Во меѓувреме, се работи на расчистување на поплавените подрачја и на чистење на речното корито, додека надлежните институции бараат долгорочно решение за погодените семејства.

Водостојот на реките и понатаму е на критично ниво и постои ризик од нови излевања. Потенцијална опасност има и кај Вардар во реонот на Јегуновце, како и кај Треска во близина на Македонски Брод, иако засега состојбата се оценува како ставена под контрола.