ВМРО-ДПМНЕ денеска ја осуди последната морбидна објава на медиумскиот гласноговорник на СДС, Бранко Тричковски, кој на социјалните мрежи предложил насилство врз премиерот. Партијата истакна дека станува збор за системски очај и политички банкрот на владејачката партија, и повика на итна јавна ограда од СДС.
„Овој морбиден испад не е изолиран случај, ниту дело на поединец. Тоа е резултат на системскиот очај и политичкиот банкрот на СДС, кои, свесни дека немаат што да им понудат на граѓаните, се потпираат на омраза, лаги и повици на насилство“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата нагласи дека медиумите блиски до СДС кои ги објавуваат овие пораки стануваат соучесници во ширењето омраза и закани.
„Да нема забуна – ова не е еден човек што зборува сам за себе, ова е гласот на очајот на СДС, кој се слуша преку нивните медиумски издувни вентили“, се додава во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ посочи дека ова не е слобода на говор, туку повик за убиство и повик за криминален акт против животот на друг човек.
„Ги повикуваме СДС јавно да се оградат од овој срамен чин. Молкот е признание! Доколку не се оградат, тоа ќе биде доказ дека ја одобруваат ваквата реторика и стојат зад неа“, порача партијата.
„Политиката не смее да биде поле за омраза, туку натпревар во идеи и визии. Македонија нема да дозволи омразата да стане кампања“, се наведува на крајот од соопштението.