Министерството за внатрешни работи соопшти дека во последното деноноќие низ државата биле регистрирани седум случаи на семејно насилство, меѓу кои физички напади, закани, непочитување одлуки на социјалните служби и насилство врз деца. Во два од случаите осомничените биле лишени од слобода.

Особено вознемирувачки е случајот во Тетово, каде што било пријавено дека жена на улица тепала дете на возраст од околу три до четири години. Според пријавата, по реакција на минувачи, жената го оставила детето и заминала, а детето било згрижено од Центарот за социјални работи.

Во друг случај од Тетово, жена пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг со месеци не ги почитувал одлуките на социјалните служби, ѝ се заканувал и ја демнел.

Во Велес, полицијата привела 45-годишен маж по пријава од неговата 18-годишна ќерка дека физички ја нападнал. Според Центарот за социјални работи, тој подолг период ги малтретирал и своите ќерки.

Во скопската општина Аеродром, маж пријавил дека неговата поранешна сопруга физички ги нападнала него и нивните две малолетни деца, при што употребила и тврд предмет.

Во Карпош бил приведен 36-годишен скопјанец по пријава дека ја нападнал својата поранешна партнерка. Во Штип, жена пријавила дека добивала закани од поранешен партнер, а за случајот биле известени обвинителството и Центарот за социјални работи.

Во Кисела Вода, 36-годишна жена пријавила дека била нападната од сопругот со кого била во бракоразводна постапка.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.