Пожарникарите и доброволците го изгаснаа големиот пожар што избувна над Штип, по повеќечасовна борба со огнената стихија, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување.
Според првичните информации, пожарот бил предизвикан од удар на гром во реонот над викенд-населбите Плуждино и Новакова Чешма.
Огнот се ширел на тешко пристапен терен
Пожарот зафатил тешко пристапна површина со трева и грмушки, во чија непосредна близина се наоѓаат борови појаси, лозови насади и овоштарници.
Поради сувата вегетација и поволните временски услови за ширење на огнот, пламените јазици брзо се прошириле кон ридовите над градските гробишта во Штип.
Огнената стихија во текот на вечерта била видлива од речиси целиот град, додека над Штип се издигнувале густи облаци од чад.
Во интервенцијата учествувале десетици пожарникари
Во гаснењето биле вклучени 20 пожарникари од Територијалната противпожарна единица Штип со четири возила, како и десет членови на Доброволното противпожарно друштво Штип, исто така со четири возила.
На терен пристигнале и шест пожарникари од Кочани со две возила, екипа од Свети Николе, како и 12 доброволни пожарникари со сопствени теренски возила.
Опожарениот простор останал под надзор
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, информираше дека во пожарот нема повредени лица и дека огнот не зафатил станбени куќи.
Опожарените места биле под надзор во текот на целата ноќ. Надлежните служби во текот на денот треба да утврдат дали е причинета материјална штета, како и точната причина за избувнувањето на пожарот.
