Седум лица загинаа, а неколку се повредени при пукање синоќа во продавницата на „Волмарт“ во Чизпик во американската сојузна држава Вирџинија, информираа властите.
Трагедијата следува само неколку дена откако вооружено лице уби петмина и рани 17 лица во ЛГБТК+ ноќен клуб во Колорадо.
Градот Чизпик го потврди бројот на жртви денеска на Твитер, повикувајќи се на градската полиција.
Се верува дека имало само еден напаѓач, кој, исто така, е мртов.
Засега нема повеќе детали, иако неколку медиуми пишуваат дека се работи за менаџер на продавницата. За ова, нема потврда од полицијата.
Не е јасно ниту дали напаѓачот починал од повреди што самиот си ги нанел.
Едно тело е пронајдено надвор од продавницата.
„Волмарт“ е „шокиран“ од насилството и тврди дека соработува со полицијата во истрагата.