Нов мировен договор и замрзнатите руски средства како клучни чекори за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека најтешките делови од мировниот план се прашањата за територијата и финансиските средства, вклучително замрзнатите руски пари во Европа. Тој додаде дека безбедносните гаранции исто така се важен дел, но дека сега повеќе од кога било постои можност да се стави крај на конфликтот, објави Би-Би-Си.

На прес-конференција во Даблин со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Зеленски рече дека вчера разговарал со американскиот претставник Стив Виткоф, кој денес ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Украина сега ги чека резултатите од таа средба.

„Ќе реагирам според тие резултати, ако почувствувам дека можеме да сметаме на вистински, конкретен дијалог… ќе се сретнеме“, рече тој.

Украинскиот претседател исто така рече дека разговарал со Мартин за користењето на замрзнатите руски средства и дека е крајно време тие да се искористат за поддршка на напорите на Украина за војна и реконструкција.

„Крајно време е тие да се префрлат на Украина за да можеме сигурно да ја обезбедиме нашата одбрана и закрепнување, бидејќи тоа ќе ни користи не само нам, туку и на нашите партнери“, рече Зеленски.

Тој додаде дека Украина смета на силни безбедносни гаранции и од САД и од Европа.

Во врска со мировниот план, тој рече дека некои работи „сè уште треба да се разработат“, но исто така рече дека САД преземаат сериозни чекори за да ја завршат војната „на еден или друг начин“.

Зеленски откри дека САД и Украина се согласиле за нов мировен договор од 20 точки. Тој рече дека оригиналниот план од 28 точки предложен од САД е преработен во нов договор по разговорите меѓу функционерите, објавува Индепендент.

„Сега повеќе од кога било постои шанса да се заврши оваа војна“, рече Зеленски.

Можни средби на украинската делегација со американски претставници

Висок украински извор денес изјави дека украинската делегација би можела да се сретне со американскиот амбасадор Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, утре по нивните разговори во Москва.

„Украинската страна… не го исклучува тоа и е подготвена“ да се сретне со нив, изјави изворот, кој сакаше да остане анонимен, за агенцијата Франс Прес.

Изворот ја спомена можноста за состанок во Брисел, каде што во среда се одржува средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, нема да учествува на состанокот.