Скенирањето на прекршоците се проширува во нови градови
Системот „Безбеден град“ влегува во нова фаза, а активностите за негово ширење интензивно продолжуваат. Како што објасни началничката на Секторот за сообраќајни работи во МВР, Маја Арсовска Манов, електронското следење на прекршоците веќе функционира низ целиот град Скопје и подготвено е да се примени и во други општини.
„Активиран е електронскиот систем за детектирање на сообраќајни прекршоци, до крајот на месецот планираме да се активира истиот систем и во градовите Куманово и Тетово, а веќе од следната година истиот систем ќе биде имплементиран на територија на цела држава“, изјави Арсовска Манов во гостување во „Топ Тема“ на Телма.
Таа посочи дека уредите се поставени и долж Коридорот 8 и Коридорот 10, каде во секој момент се очекува почеток на автоматското детектирање на прекршоците.
