Во градинките се доставини решенија деца нема да се згрижуваат додека не донесат потврда со примени четири дози ди-те-пер.

„Нема да правиме исклучок затоа што ние сме само извршители во оваа ситуација. Доколку Комисијата донесе друга препорака, односно министерот ни наложи да постапуваме поинаку тогаш нема проблем, се до тој момент ќе постапуваме како досега“, изјави Рената Младеновска, директор на државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Различна е ситуацијата во внатрешноста

Во внатрешноста околу 95 проценти од децата кои одат во градинка се вакцинирани против голема кашлица. Инспекторите ќе продолжат со контролите и во наредните денови, добиле уверување од директорите на градинките дека ќе ги почитуваат мерките.

Повторно е зголемен интересот за имунизација

Забраната за прием на невакцинирани деца во градинка повторно го зголеми интересот за имунизација. Во текот на вчерашниот ден, во пунктот во „Букурешт“ биле аплицирани 80 дози ди-те-пер, утрово за неколку часа 40. Од минатата недела, по препорака на Комисијата за заштита од заразни заболувања времето за ревакцинација е намалено од 12 на шест месеци.

„Според медицинските доктрини и имунологијата, комплетно вакцинирано дете е дете што има примено три дози и бустер доза, ревакцина. Растојанието според брзиот календар е еден месец помеѓу прва и втора и еден месец помеѓу втора и трета доза. Досега помеѓу трета доза и ревакцина беше една година, сега е скратено на шест месеци. Ако тоа го собереме, детенце што сега примило прва доза ќе се вакцинира во наредните девет месеци за да ги докомплетира сите четири дози“, изјави д-р Сања Цилева Младеновска, вакцинален пункт „Букурешт“.

Епидемија во главниот град

Пред повеќе од еден месец Центарот за јавно здравје прогласи епидемија на територија на главниот град. Освен препораки, за првпат се преземаат конкретни мерки. Секојдневно се зголемува бројот на заболени со голема кашлица, од почетокот на годината регистрирани сè повеќе од 170 случаи, најголем дел се од Скопје.