Осудениот ексфункционер Миле Јанакиески во јуни ќе излезе на слобода, а за слободата на ексдиректорот на УБК Сашо Мијаков допрва ќе се одлучува, соопшти денеска Апелацискиот суд Скопје. Предметот на Мијалков се враќа на повторно постапување, објави Судот.

– Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по жалба на осудениот С.М., од С., а изјавена преку Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга, донесе решение со кое жалбата се уважува, а предметот се укинува и се враќа на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд. Инаку, уважувањето на жалбата на осудениот С.М. доаѓа откако претходно предлогот на директорот на Казнено-поправниот дом Струга за условен отпуст на осудениот беше одбиен како неоснован. Согласно донесеното решение на Апелацискиот суд – Скопје како недозволена ја отфрли жалбата на директорот на Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга – соопшти Апелација.

Јанакиески, пак, доби условен отпуст.

– Апелацискиот суд – Скопје ја информира јавноста дека Кривичен совет на Судот донесе решение со кое жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се одбива како неоснована, додека жалбата на осудениот М.Ј, од С., изјавена преку неговиот бранител, со која се бара условен отпуст, се уважува. Согласно донесеното решение на Апелацискиот суд – Скопје, одлуката за условен отпуст е преиначена и условниот отпуст за осудениот М.Ј. наместо, како што гласеше првичната одлука, да започне на 16.01.2025 година, ќе започне на 17.06.2024 година, но под услов до истекот на условниот отпуст обвинетиот да не стори ново кривично дело – соопшти Судот.