Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека секој напад на Косово е и напад на Албанија. Гостувајќи на телевизијата „АТВ“, Рама кажа дека Косово не е само, зашто има стратешки сојузници, меѓу кои е и Албанија.

„Албанија не е само географски или државен ентитет кој има посебен однос со Косово. Секој напад на Косово е напад на Албанија и не смееме никогаш да го заборавиме Косово. Косово не е само, ја има не само Албанија, туку и стратешки партнери, за кои добро знаеме кои се и без кои Косово денес не би било држава. Секој ден треба да се размислува за значењето на сојузниците, дури и во фаза на целосен мир“, изјави Рама.

Тој кажа дека нема сомнение дека Албанија ќе биде со Косово во секоја прилика.

„Албанија стоеше, стои и ќе стои со Косово во секоја ситуација, дури и ако работите отидат до точката кога место зборови се користи оружје“, истакна албанскиот премиер.