Секоја општина ќе добие гробишта за домашни миленици

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, заедно со стручни лица од АХВ, неделава одржа работни состаноци со министерот за локална самоуправа Златко Перински и со градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевки. На средбите беа отворени актуелни прашања од надлежност на АХВ и локалните самоуправи, за кои е неопходна заедничка институционална соработка.

Поддршка за изградба на гробишта за миленици

Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС изразија целосна поддршка за АХВ во насока на решавање на проблемот со недостигот од гробишта за домашни миленици во општините. Министерот Перински истакна дека ваквото решение ќе стави крај на долгогодишната практика труповите на милениците по смртта да се фрлаат со комуналниот отпад или да се закопуваат на јавни и други несоодветни локации, при што ќе бидат потребни и соодветни законски измени.

Локации, инфраструктура и бездомни животни

Ѓорѓиевки појасни дека претстои дефинирање на соодветни локации во општините, како и планирање на потребната инфраструктура за изградба на гробишта за миленици, нагласувајќи дека локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата. Дополнително, тој изрази подготвеност за помош на АХВ во решавањето на проблемот со бездомните кучиња преку вклучување на општинските инспектори и комуналните редари. Акцент беше ставен и на мерките за намалување на популацијата на бездомни животни преку воспоставување прифатилишта во секоја општина, при што Миланов посочи дека во предложените законски измени веќе се вклучени забелешките од здруженијата за заштита на животните, а ќе бидат земени предвид и предлозите од општините.