Уште во 2019 година, поранешната сопруга на Томас Маркл ја предупредила британската полиција за неговото наводно однесување кон малолетни девојчиња. Писмото стигнало до Меган и принцот Хари, но не и до американските и другите странски истражни органи.

Неодамнешното апсење на 82-годишниот Томас Маркл, таткото на војвотката од Сасекс, Меган Маркл, повторно отвори мрачни обвинувања од неговото минато.

Седум години пред американските власти да го обвинат за поседување материјал со сексуална злоупотреба на деца, неговата поранешна сопруга испратила писмо до Скотланд Јард во кое тврдела дека тој оправдувал сексуални односи со 12-годишни девојчиња.

Маркл беше уапсен во петокот, на 6 ноември, во Флорида, по истрага на Федералното истражно биро (ФБИ). Американските власти го товарат за поседување материјал со сексуална злоупотреба на деца, пронајден во два складишни простора во околината на Лос Анџелес, кои ги изнајмувал речиси две децении.

Истражителите заплениле 78 предмети, меѓу кои фотографии, филмски негативи и книги. Според обвинението, дел од фотографиите наводно го прикажуваат самиот Маркл со малолетни девојчиња.

За апсењето и деталите од истрагата известија американските медиуми, повикувајќи се на американското Министерство за правда и на судските документи.

Додека американските истражители ги испитуваат запленетите материјали, во Британија повторно се отвора прашањето што знаела полицијата за Маркл уште во 2019 година.

Неговата прва сопруга Рослин Лавлес, која почина во 2024 година, тогаш испратила рачно напишано писмо до специјализираниот Центар за проценка на закани (FTAC), кој работи во рамките на лондонската Метрополитен полиција.

Во писмото Лавлес изнела тешки обвинувања за однесувањето на својот поранешен сопруг.

Таа тврдела дека Маркл патувал на Филипините и во Тајланд заради сексуални односи со малолетнички. Според нејзиното сведоштво, тој ги оправдувал таквите односи, повикувајќи се на наводно попустливите правила во тие земји.

Лавлес навела и дека лично го соочила со сомнежите за неговото однесување.

Маркл категорично ги отфрла овие тврдења. Во изјави за британските медиуми тој признал дека плаќал за сексуални услуги на Филипините, но негирал дека имал сексуални односи со лица помлади од 18 години.

Британската Метрополитен полиција потврди дека го примила писмото во јануари 2019 година.

Наместо обвинувањата да ги проследи до надлежните служби во земјите каде што наводно се случувале злоупотребите, полицијата го доставила документот до канцеларијата на Меган Маркл и принцот Хари.

Британските власти подоцна признаа дека информациите не биле споделени со американските и со другите странски истражни органи.

Поради тоа, Скотланд Јард се пријави пред Независната канцеларија за полициско постапување (IOPC), која на 30 октомври отвори независна истрага.

Таа треба да утврди кој одлучил предупредувањата да не бидат проследени до странските власти и дали биле почитувани полициските процедури.

По откривањето на писмото, Меган Маркл соопшти дека токму сериозноста на информациите што ги добила била причината да го прекине контактот со својот татко.

Таа објасни дека одлуката да не му дозволи да ги запознае нејзините деца со принцот Хари била донесена за да ги заштити.

Односите меѓу Меган и нејзиниот татко јавно се влошија во 2018 година, непосредно пред нејзината венчавка, кога беше откриено дека Маркл соработувал со папараци за наместени фотографии.

Тој со децении работеше како директор на осветлување во Холивуд, а за својата работа доби и телевизиска награда „Еми“.

Маркл по апсењето се појави пред федерален суд во Тампа, Флорида, во инвалидска количка.

Судот одлучи да го пушти на слобода со мерка домашен притвор и електронски надзор. Нему му се ограничени и патувањата надвор од определени судски области.

Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до 20 години.

Маркл ги негира обвинувањата за поседување материјал со сексуална злоупотреба на деца. Во меѓувреме, истраги поврзани со материјали што наводно му припаѓале се водат и на Филипините и во Мексико.