Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција упати сериозни обвинувања кон обвинителите Коларевиќ и Абази, тврдејќи дека поради семејни и лични интереси биле амнестирани осомничени блиски до СДС и ДУИ во случајот „Мазут“, вреден 167 милиони евра.

„Семејните и личните интереси на обвинителите Коларевиќ и Абази, ги амнестираше осомничените блиски до СДС и ДУИ за случајот ‘Мазут’ вреден 167 милиони евра“, изјави Лефков.

Тој посочи дека и покрај извештаите на Државниот завод за ревизија, доказите од МВР и сериозните сомнежи за штета врз здравјето на граѓаните, обвинителската постапка била запрена под политички притисок.

„Не беа доволни извештаите на ДЗР, не беа доволни докази од МВР, не беше доволно тоа што се труеше народот, но доволно беше за Коларевиќ и Абази, некој од врхушките на СДС и ДУИ, да им соопшти дека треба да се прекине со обвинителската постапка“, рече Лефков.

Според него, постојат јасни релации и влијанија кои ја компромитираат независноста на обвинителството. Лефков истакна дека обвинителката Коларевиќ има семејни врски со кадри избирани од СДС, додека за Абази рече дека има блиски релации со ДУИ и Али Ахмети.

„Оваа коалиција на Коларевиќ и Абази од обвинителството, ја спаси коалицијата на СДС и ДУИ во политиката“, потенцираше Лефков.

Тој оцени дека еден од најголемите енергетски скандали во историјата на Македонија наместо во судница, завршил уште во обвинителството, додавајќи дека јавноста заслужува одговори.

Лефков праша дали постојат финансиски мотиви поради кои е запрена постапката и побара одговорност и од СДС, но и од Советот на јавни обвинители.

„Правда мора да има. Обвинителството не смее да биде засолниште за кадрите на СДС и ДУИ“, порача Лефков.