Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 3.227 тестирања, регистрирани се 21 нов случај со Ковид-19 од кои 11 во Тетово, по три во Скопје и во Куманово, два во Струга и по еден во Гостивар и Штип.
Регистрирани сe седум оздравени пациенти, а не се регистрирани починати пациенти. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.823, бројот на оздравени пациенти е 150.139, на починати е 5.487.
Министерството за здравство вчера соопшти дека по зголемување на процентот на заразени од тестирани во Тетово и тетовскиот регион, во период од неколку дена, Комисијата за заразни болести ја следи епидемиолошката состојба во тој град и е во комуникација со локалниот Центар за јавно здравје, каде се анализираат сите овие случаи.
– Според првичните информации, зголемениот број случаи доаѓаат од два познати кластери. Првиот кластер е од свадба, а вториот е повеќечлено семејство кое исто така било на мала семејна прослава. Тоа што загрижува и со што се соочиле здравствените работници е што некои од ковид позитивните пациенти не давале точни податоци и информации за контакти, како би можело да се спречи создавање на кластери околу двата постоечки, информираат од Министерството за здравство.
Министерството апелира граѓаните да соработуваат со епидемиолозите, одбивањето на соработка од страна на пациентите, прави потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, а тоа може да доведе до голем број заразени.
– Засега радува фактот што од 65 активни случаи во Тетово, само 12 се со симптоми и нема хоспитализирани во ковид – центарот во Клиничката болница во Тетово. Досега не е детектиран делта сој на СарсКов2, а кај лицата кај кои беше секвенциониран бразлискиот сој се ковид позитивни од јуни. И покрај мирната епидемилошка состојба во земјава, треба секој до нас да биде исклучително внимателен и да ги почитува протоколите и мерките за заштита на здравјето. Одржување лична хигиена на раце, држењето дистанца, носење маска е нешто што треба да биде лична одговорност на секого од нас, потенцираат од Министерството и нагласуваат дека мерките може да се променат и да се воведат рестрикиции ако епидемиолошката состојба го наложи тоа.
Од Министерството за здравство укажуваат на важноста на вакцинацијата и посочуваат дека што поголем број вакцинирани, значи побрзо создавање колективен имунитет, а тоа е клучно да се победи ковид пандемијата.