Претставници на семејствата на 14 луѓе кои го загубија животот во пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година преку јавни протести ќе бараат да има ново обвинение.
Тие денеска во СВР Тетово пријавија дека во петок 8 септември на двегодишнината од пожарот ќе организирааат марш и јавен протест со барање да има ново обвинение.
-Очекуваме ново обвинение. Ние од почетокот бараме правда и очекуваме правда, но во оваа држава се гледа дека нема правда. Но излегува вистината кој е крив. Јас спомнав неколку пати дека не се овие тројца, имаат нешто вина ама има и поголем синџир. Тие од ИРЛ новинарите ја извадија вистината кој е виновен, а кој не е виновен, изјави Мумин Исмаили, кој во пожарот ги загубил братот и мајката.
Во петок најавија дека собирот ќе почне кај модуларната болница.
-Ние како фамилии на починатите во пожарот организираме протести и порачуваме на сите граѓани да се приклучат во петок во 14 часот, ќе бидеме пред модуларната болница и ќе одиме преку центар до судот. Порачуваме сите граѓани на Тетово ова да не биде партиски, ние фамилиите сме организатори и да нема инцидент, истакна Исмаили.