Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа од СДС да излезе со јавни одговори за, како што тврдат, поседување златна виза за Дубаи од страна на семејството Заеви. Сè уште нема официјално појаснување за потеклото на средствата, ниту за инвестициите што би го оправдале стекнувањето на ваква виза.
Семејството Заеви со златна виза за Дубаи – СДС без реакција
„До овој момент нема ниту демант, ниту било каква реакција од СДС во однос на тоа кој е патот до златна виза за Дубаи. Очекуваме да објаснат со какви инвестиции и по кој механизам семејството Заеви успеало да добие ваков документ. Јавно прашуваме – дали е можно со административна плата, и покрај тоа што Зоран Заев бил премиер, да се стигне до статус што се добива врз основа на високи влогови? Колку изнесува сумата што ја бара оваа виза и како е таа обезбедена?“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај семејството Заеви, партијата директно го спомнува и Венко Филипче. Од ВМРО-ДПМНЕ сугерираат дека и тој би можел да биде поврзан со случајот.
„Дали Венко Филипче е сопственик на златна виза за Дубаи? И ако е така, на кој начин ја добил? Земајќи го предвид фактот дека неговата кариера е потполно врзана за јавниот сектор, без ниту еден ден работен стаж во приватна економија, јавноста има право да знае. Во време кога тврдеа дека ја спасуваат Македонија, изгледа дека главна цел им било спасување на сопствените финансии“, се наведува во истото обраќање.
Молкот на СДС околу ова прашање само ја зголемува јавната недоверба и отвора простор за сомнежи околу потеклото на средствата.
„СДС веќе одамна е препознатлив по криминални афери, институционална неспособност и политички отстапки. Поврзаноста со златна виза за Дубаи е само уште една алка во низата прашања на кои нема одговор. Бараме транспарентно објаснување – кој има ваква виза, како ја добил и со кои пари“, додава ВМРО-ДПМНЕ.
Извор: A1ON