Целта е поголемо домашно производство
Македонија треба да произведува поголем дел од храната што ја троши и постепено да ја намалува зависноста од увоз, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски во интервју за МИА.
Тој нагласи дека храната и водата претставуваат прашање на национална сигурност, бидејќи државата што не може да обезбеди доволно сопствена храна станува економски поранлива и зависна од цените, кризите и движењата на меѓународните пазари.
Според Серафимовски, успехот во земјоделството треба да се мери преку поголемо домашно производство, повисоки приноси, подобар квалитет и посигурни и повисоки приходи за земјоделците.
Тој посочи дека е неопходно напуштање на застарениот модел во кој земјоделската политика главно се сведува на исплата на субвенции и решавање на проблемите откако веќе ќе се појават.
Земјоделството, како што рече, треба да се насочи кон современо производство засновано на наука, дигитализација, нови технологии и прецизно планирање. Податоците за почвата, временските услови и болестите, како и современата механизација и новите сорти, треба системски да им бидат достапни на производителите.
Субвенциите треба да носат мерливи резултати
Серафимовски оцени дека субвенциите се неопходни, но не треба да претставуваат конечна цел. Според него, тие треба да бидат системска мерка што ќе овозможи повисоки приноси, пониски трошоци, подобар квалитет и поголема додадена вредност на земјоделските производи.
Тој истакна дека повеќе нема да биде доволно да се соопштува само колку средства биле исплатени, туку ќе треба да се покаже и колку повеќе храна е произведена и колку вистински производители биле поддржани.
Со ребалансот на Буџетот се обезбедени дополнителни 1,24 милијарди денари. Во изминатиот период се исплаќале заостанатите обврски од 2021 до 2024 година, а со новите средства треба да се создадат услови за затворање и на обврските од 2025 година.
Аплицирањето за субвенциите за 2026 година е веќе почнато, додека измените на Програмата за финансиска поддршка се во завршна фаза. По нивното усвојување ќе започнат исплатите, а земјоделците ќе бидат информирани за редоследот и динамиката.
Министерот најави и насочување на политиките кон поорганизиран откуп, договорно производство, зголемени преработувачки капацитети, функционални задруги и подинамична стратегија за извоз. Во таков систем, земјоделецот однапред би знаел за кого произведува, кои стандарди треба да ги исполни и под кои услови ќе го продаде производот.
Се следат откупот на пченицата и состојбата со сточниот фонд
Годинашната пченица е со добар квалитет и била засеана на повеќе од 63.000 хектари. Серафимовски порача дека клучно е откупот да се одвива организирано и во согласност со законските правила.
Според него, во моментов нема причина за загриженост, но надлежните внимателно ги следат динамиката на откупот, преземените количини и движењето на цените. Државниот инспекторат за земјоделство врши контроли кај регистрираните откупувачи, а досега не биле утврдени неправилности.
Во однос на можната интервенција преку Агенцијата за стоковни резерви, министерот оцени дека е прерано за конечна одлука. Државата, како што истакна, е подготвена да реагира и да ги заштити производителите доколку пазарните состојби го наложат тоа.
Серафимовски се осврна и на сипаниците кај овците и козите, нагласувајќи дека одгледувачите мора да ги почитуваат мерките и да покажат поголема одговорност при движењето и мешањето на животните.
По првиот потврден случај на крајот на јануари 2026 година, биле регистрирани 36 жаришта. Од вкупно 4.632 приемчиви животни, лабораториски биле потврдени 137 случаи, 75 животни угинале, а 3.351 биле усмртени во согласност со мерките за искоренување на болеста.
Министерот оцени дека меѓу најголемите предизвици остануваат наводнувањето, активирањето на необработеното земјиште, климатските ризици, недостигот од работна сила и слабата поврзаност меѓу науката и производството.
„Не ни е потребно земјоделство што само опстојува од сезона до сезона, туку производство што расте, создава приходи и обезбедува храна за државата“, порача Серафимовски.
