Откако едно од торнадата погоди старечки дом во местото Моне, во сојузната држава Арканзас, судијата на округот Крегхед, Марвин Деј,изјави дека едно лице загинало.

-Сите беа извадени од домот за стари лица и заштитени. Отворивме центар за тријажа во локалното училиште каде што голем број луѓе се лекуваат, а други се транспортирани во локалните болници, изјави градоначалникот Боб Бланкеншип, пренесува Си-Ен-Ен.

Во осум милји одалечениот град Личвил, загина уште едно лице, за Си-Ен-Ен изјави шерифот на округот Мисисипи, Дејл Кук.

Торнада се регистрирани во Арканзас, Мисури, Тенеси, Кентаки и Илиноис, се наведува во соопштението на Центарот за предвидување бури на Националната управа за океани и атмосфера.

Над 55 милиони лица ширум САД вчера се најдоа во опасност од невремето, а најмалку 157.000 домаќинства останаа без струја.