Францускиот премиер Себастијан Лекорни предупреди дека државата се наоѓа под удар на сериозни киберзакани. Според неговите изјави, во моментов нема никакви индикации дека безбедносната ситуација наскоро ќе се подобри.

Премиерот одржа меѓуминистерски состанок посветен на кибербезбедноста по серијата бројни напади што во изминатите месеци директно ги таргетираа француската јавна администрација и приватните бизниси. Лекорни истакна дека Франција била меѓу првите земји изложени на вакви напади, но додаде дека денес проблемот зафаќа голем број европски држави, што јасно укажува на системски и глобален предизвик.

Во својата оценка, Лекорни наведе дека зад овие сложени напади стојат одредени држави, но и организирани киберкриминалци чии мотиви се движат од финансиски профит сѐ до милитантни и симболични цели.

Винсен Струбел, кој раководи со Националната агенција за безбедност на информациските системи, исто така нагласи дека интензитетот на кибернападите во земјата е достигнат на ниво без преседан.

Со цел да се зајакне националната безбедност во дигиталната сфера, владата донесе одлука со која се воведува обврска за сите министерства да издвојат најмалку пет проценти од своите дигитални буџети исклучиво за заштита, почнувајќи од 2027 година, со план тој процент да порасне на десет проценти до 2030 година. Во текот на изминатите неколку недели, директна цел на вакви кибернапади во Франција беа познати синџири на супермаркети, Генералниот директорат за јавни финансии, како и филијалите на националната Пошта.