Севастопол остана без електрична енергија по масовен украински напад со беспилотни летала врз Крим во текот на ноќта, потврдија руските власти. Нападите биле насочени кон енергетската инфраструктура, а надлежните сè уште ја проценуваат штетата.
Гувернерот на Севастопол поставен од Москва, Михаил Развожаев, соопшти дека руската противвоздушна одбрана, авијацијата и мобилните огнени групи го одбивале нападот, но дека бил погоден енергетскиот систем и градот привремено останал без струја.
Според украински извори, во текот на ноќта биле регистрирани повеќе силни експлозии во близина на термоцентралата Балаклава, по што делови од Севастопол останале без електрична енергија, а биле пријавени и проблеми со комуникациите и интернетот. Точниот обем на штетата сè уште не е независно потврден.
Напади и прекини во снабдувањето со струја биле пријавени и во други делови од териториите под руска контрола, меѓу кои Бердјанск, Мелитопол, Хеническ и Мариупол.
Киев во изминатиот период ги засили нападите со дронови врз воени и енергетски цели на Крим и на руска територија, со образложение дека се насочени кон инфраструктура што ја поддржува руската воена операција во Украина.
Русија го анектираше Крим во 2014 година, потег кој Украина и најголемиот дел од меѓународната заедница не го признаваат. Полуостровот останува една од клучните цели на украинските напади врз руската воена и логистичка инфраструктура.
