Врховниот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на парадата во главниот град Пјонгјанг, која започна на полноќ, а воени авиони прелетуваа над плоштадот Ким Ил-сунг во формација, објави севернокорејската агенција КЦНА.

Весникот „Родонг Шинмун“, гласило на владејачката Работничка партија, објави фотографии од луѓе со портокалова заштитна опрема со гас маски, кои ги симболизираат напорите на земјата во борбата против коронавирусот, и воени пешадиски единици како маршираат со неколку ракетни фрлачи со повеќе цевки.

Во досегашните извештаи не се споменуваат ракети, а Ким не одржа никаков говор, за разлика од минатиот октомври, кога државата одржа ноќна воена парада на која беа прикажани досега незабележани интерконтинентални балистички ракети.

По настаните во октомври минатата година, во јануари се одржа уште една ноќна воена парада, а подготовките за последната беа забележани претходно на сателитските снимки, за кои минатата недела известуваа специјализираните портали за следење на настаните во Северна Кореја – „НК Њуз“ и „38 Норт“.

Разговорите со цел да се убеди Пјонгјанг да се откаже од нуклеарното оружје и арсеналите од балистички ракети, се во застој последниве години, а администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден најави продолжување на дипломатските напори за постигнување севернокорејска денуклеаризација, но досега не покажа подготвеност да ги почитува барањата на САД за ублажување на санкциите.