Четири години по нивната разделба, пејачката Шакира и нејзиниот поранешен партнер Жерар Пике повторно се најдоа пред Судот во Барселона за да се разгледа и измени постојниот договор за посета на нивните синови Милан (13) и Саша (11).
По завршувањето на врската во 2022 година, Шакира и децата се преселија во Мајами, каде што живеат од април 2023 година. Според досегашниот договор, Пике ги посетуваше децата, што подразбираше чести патувања на момчињата меѓу САД и Шпанија.
Сега правниот тим на пејачката бара промена на таа практика со цел да се намали товарот од патувањата за децата. Предлогот пред судот предвидува за време на пократките училишни празници Пике да патува во Мајами, наместо синовите да летаат преку Атлантикот до Барселона и назад. Според Шакира, на овој начин ќе се избегнат исцрпувачките трансатлантски летови и нарушувањето на ритамот поради временската разлика.
Во официјалното соопштение од нејзиниот правен тим се наведува дека целта на ова барање е децата подлого да ја задржат својата училишна, социјална и семејна рутина, што е клучно за нивната „емоционална, физичка и академска благосостојба“.
Пејачката отпатува во Барселона специјално за судењето од Мадрид, каде што во моментов ја одржува својата концертна серија. Според пишувањата на шпанските медиуми, двајцата се обидувале да постигнат договор и пред официјалното рочиште, но преговорите завршиле без успех. Засега нема информација дали Пике ќе се согласи со новиот предлог на поранешната партнерка.
Шакира и Пике беа во врска 12 години. Разделбата официјално ја потврдија во јуни 2022 година, а во декември истата година го ратификуваа првичниот договор кој ѝ овозможи на пејачката да се пресели во Мајами со нивните двајца синови.
