Денеска во Франкфурт започна 78. издание на Франкфуртскиот саем на книгата, еден од најзначајните светски настани во издавачката индустрија. Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), со поддршка на Министерството за култура и туризам, ја претставува македонската книжевност со национален штанд и посебна програма за промоција на домашните автори, преводи и меѓународна соработка.

Во текот на саемските денови, претставниците на издавачките куќи членки на МАИ ќе остварат средби со странски издавачи, литературни агенти и преведувачи со цел продажба на авторски права и отворање нови можности за преводи на македонските дела.

Националниот штанд годинава е замислен во три сегменти. Првиот е посветен на новите современи македонски автори и наслови со потенцијал за меѓународна афирмација. Вториот сегмент ги презентира македонските книги што веќе се преведени и објавени во странство, додека третиот е посветен на литературата за деца преку каталог со избор од најрепрезентативните автори и илустратори.

Утре, на 8 октомври, на македонскиот штанд ќе се одржи посебен промотивен настан посветен на современата македонска книжевност. На настанот пред странските издавачи ќе биде презентиран и Конкурсот на Министерството за култура и туризам за финансирање преводи на домашни дела на странски јазици, со цел штандот да послужи како платформа за иницирање конкретни договори.

Националното претставување го продолжува препознатливиот визуелен и комуникациски концепт „Читај во 7/8“, кој го користи карактеристичниот македонски ритам како метафора за книжевност со сопствен глас и идентитет.

Саемот на книгата во Франкфурт ќе трае до 11 октомври, до кога делегацијата на МАИ ќе продолжи со професионалните средби и воспоставувањето нови издавачки партнерства.