Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека се работи за техничка грешка дека збирот на аглите во еден триаголник е 190 степени, задача поставена во учебникот по математика за шесто одделение, за која имаше реакција професорка по математика. Шаќири побара од авторите на учебниците да бидат повнимателни со цел да нема повеќе грешки како оваа.

Побарав да се достават официјални забелешки од страна на универзитетските професори кои се вклучени во изработката на учебникот со наведени причини зошто е направена таа грешка. Знаете дека во сите учебниците по математика, и ние кога сме учеле, имало грешки, но верувам дека и таа техничка грешка соодветно ќе се реши, изјави Шаќири, кој днееска присуствуваше на официјалното затворање на Твининг проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка на квалификации.

Тој појасни дека се работи за техничка грешка направена од авторите, и покрај тоа што од двете страни на задачата дадени се неколку решенија. Министерот додаде дека и претходните години имало по некоја грешка во учебниците по математика.

Има една изрека дека и на најдобриот математичар студентот му има најдено грешка во учебникот – додаде Шаќири.

Грешката на Фејсбук ја објави професорката по математика Фросина Митрушева, која предава во скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“.

Ја сакам математиката, меѓу другото, и заради доследноста. Збирот на агли во триаголник (во Евклидова геометрија) секогаш до сега бил 180 без разлика кој бил на власт или кој ја изгубил војната. Одеднаш -190! – пишува професорката Митрушева.