Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, порача денес на брифинг со новинарите дека со часови може да набројува лица за кои Вашингтон се сомнева дека се инволвирани во корупција, но дека конкретно работат на неколку случаи сега, бидејќи не објавуваат санкции пред да имаат сто отсто докази за тие што ќе ги стават на црната листа.

-Половина од помошта што не беше за воени цели ја потрошивме за владеење на правото, а се покажа дека немаме поврат на таа инвестиција. Напротив, последната декада видовме многу значајно зголемување на корупцијата што беше разочарувачки за нас, рече Ангелер. Според нејзината оценка, таа во Македонија е на ниво на епидемија и ја има во секој сектор и во секоја организација, така што само со именување на корумпираните актери можат да почнат да и помагаат на земјата да се справи со тоа.

За неа највпечатлив бил фактот дека од ставањето на Рамиз Мерко како прв на црната листа на САД во јуни минатата година сите вакви одлуки биле дочекани без изненадување, односно сите знаеле дека тие што се санкционирани се корумпирани. Сепак, таа посочи дека имале реакции за ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и прашања од типот -зошто пак тој, но порача дека за одлуката на Стејт департментот има значајна евиденција. За каква корупција конкретно станува збор, за кои случаи, не прецизираше бидејќи водат сметка за приватноста и на санкционираните.

-Анѓушев може да се жали и може да ангажира адвокат во САД. Знам за други санкционирани што имаа тимови на адвокати и се обидуваа да ги спорат одликите. Но, одлуката е донесена врз основа на значајна евиденција. Имаме многу докази и бројни случаи за него. Овде станува збор за прашање за отчетност, за одговорност за неговите акции, рече Агелер.

Притоа таа нагласи дека тоа што одлуката за Анѓушев ја донесе Стејт Департментот (како и за Рамиз Мерко), а не Министерството за финансии, не значи дека натаму не можат да бидат опфатени и други аспекти , односно дека тоа што е санкциониран под еден американски закон не значи дека нема да биде санкциониран и под друг. Со сегашната одлуука Анѓушев може да продолжи со бизнисот во САД и таа не ги содржи сите аспекти што ги опфаќа црната листа на Министерството за финансии, но не се знае што ќе излезе натаму.

-Ова се најочигледни случаи, порача Агелер за веќе санкционираните и за тие што се сега под лупа. Но, додаде таа, можеме да кажуваме имиња со часови.

Таа сепак беше охрабрена од формалните барања во земјата да се почнуваат истраги за тие што ќе се најдат на црните листи на САД и што законската регулатива за тоа е веќе во процедура во Парламентот.

-Ние не можеме да ја работиме работата на домашните органи за гонење. Американските закони бараат од нас да ги санкционираме корумпираните кај нас, но ако тоа резултира со консеквенци тука, би било идеално, рече Агелер, додавајќи дека ним им е важно граѓаните во Македонија да видат ефект од тоа што го прават.

Запрашана дали некој од обвинителствата и другите органи задолжени за прогон на корупција им ги побарал доказите за тие што се на црната листа на САД, таа рече дека нема такви сознанија, а во амбасадата имаат цел тим за правда со кој многу од нив се во секојдневна комуникација.

-Има многу луѓе во земјата што имаат повеќе отколку доволно докази за корупцијата тука, возврати Агелер, сугерирајќи дека да се сака, може да се открие, а ако некој сака да ги бара доказите, тие се тука.

На прашањето дали екс премиерот Зоран Заев може да се најде на листата на санкционирани бидејќи неговото име беше споменато во досието за црногорскиот бизнисмен Дака, Агелер рече дека не може да излегува со имиња сега, но порача генерално – тоа со кого правиш бизнис може да те погоди тебе и твоето семејство.

Околу тоа дали имало реакции од политичките партии за ставањето на Анѓушев на црната листа, бидејќи во јавноста ја промолчија оваа одлука наспроти другите, Агелер рече дека САД не се особено заинтересирани што мислат политичарите во земјата за листата, туку што мислат граѓаните.