Очекува редефинирање на меѓународните односи

Поранешниот амбасадор и пратеник Оливер Шамбевски очекува 2026 година да донесе турбулентни промени на глобалната сцена и ново позиционирање на државите во меѓународните односи.

Во разговор во „Наткаст“ на КУРИР, тој оцени дека следува период во кој ќе се редефинираат центрите на моќ и меѓународните сојузи.

„Меѓутоа сериозно не очекувам во однос на Македонија дека ние би се изместиле од она што ни е стратешка определба, од она што ни е желба на државата, на општеството каде да припаѓаме. Мислам дека за нас би била интересна оваа година, мораме да ги искористиме сите можности кои ќе ни бидат на располагање. Засега ова што го гледам, Владата многу добро го прави. Останува да следиме до крај“, рече Шамбевски.

Помалите држави се потпираат на меѓународното право

Шамбевски посочи дека евентуалното редефинирање на меѓународниот правен поредок мора да ги земе предвид и интересите на помалите држави.

„Помалите држави не секогаш имаат поинаков штит од меѓународното право во заштита на сопствените интереси. Не сме наивни, во текот на историјата можнитедржави го прават тоа што можат, а малите тоа што мораат, меѓутоа барем имаше некоја гаранција дека имаш како, во крајна линија, долгорочно барем, да си ги заштитиш своите интереси и позиции. Тоа не смее да исчезне од меѓународното прави“, посочи Шамбевски во „Наткаст“.

Тој оцени дека Македонија во меѓународните односи се позиционира принципиелно и настојува да ги заштити сопствените интереси.