Министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, утре за време на посетите на Софија и на Скопје ќе биде придружуван од еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, дознава „360 степени“.

Оваа информација дополнително ѝ додава на тежина и значење на посредничката мисија, бидејќи станува збор за координирана активност на актуелниот претседавач со Советот на ЕУ – Португалија и Европската комисија.

Прва станица на европските претставници ќе биде Софија, а потоа тие ќе дојдат во Скопје.

Целта, според изворот на „360 степени“, е во детали да се зборува за можен излез од ќор-сокакот во кој западнаа македонските евроинтеграции по ветото од Бугарија. Иако во Софија има техничка влада и земјата е пред нови избори, проценката кај многу земји членки на ЕУ, вклучувајќи го и претседавачот Португалија, е дека ако нема придвижување во јуни, процесот може да остане блокиран на подолг рок. Тоа, пак, оди на штета на кредибилитетот и интересите на ЕУ во регионот, а негативно влијае на стабилноста и кревките демократии во државите од Западен Балкан.

Посредничката мисија на Португалија во понеделникот во интервју за „360 степени“ ја најави вицепремиерот Никола Димитров.

„Има сигнали за позасилен ангажман на португалското претседателство бидејќи тука дипломатијата зад затворени врати дава поголеми шанси, не знам колку од мене е мудро повеќе да кажам, но чесно е да кажам дека очекуваме засилен ангажман од португалското претседателство кое има добра волја. Географски се далеку, нивната позиција на чесен посредник е јасна, сакаат успех и сакаат да го завршат тоа што го почна германското претседателство и да ја спроведат одлуката на Советот од март 2020 година“, изјави Димитров за „360 степени“.

Премиерот Зоран Заев денеска во гостување во „Утрински брифинг“ рече дека португалското претседателство разработува цела стратегија со која ќе настапи пред Софија и Скопје.