Генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејезус, денеска ја нагласи важноста за подготовка за, како што рече, „болеста Х“, изразувајќи надеж дека земјите ќе постигнат договор за пандемијата до мај оваа година со цел да се се справат со овој „заеднички непријател“.
„Договорот за пандемијата може да ги обедини сите искуства со сите предизвици со кои се соочивме, како и сите решенија“, рече Гебрејезус на Светскиот економски форум во Давос, пренесе Анадолија.
Тој рече дека „болеста Х“, непозната болест, првпат се користела како термин во 2018 година.
Тој изјави дека има непознати работи што можат да се случат и дека сѐ што се случува е „прашање кога, а не дали“.
„Не треба да се соочуваме со работите неподготвени, туку можеме да се подготвиме и за некои непознати работи“, рече Гебрејесус на панел дискусијата насловена „Подготовка за болеста Х“.
Осврнувајќи се на важноста на истражувањето и развојот, како и здравствената инфраструктура и работната сила што треба да бидат подготвени за „болеста Х“, Гебрејесус истакна дека примарното здравје е клучот што светот имаше можност да го види за време на пандемијата на Ковид.
Повторувајќи ја важноста на договорот за пандемијата, тој нагласи дека може да му помогне на светот подобро да се подготви за иднината.
„Бидејќи тоа е заеднички непријател и без заеднички одговор, почнувајќи од подготвеност, ќе се соочиме со истиот проблем како со Ковид“, рече Гебрејезус.