Шекеринска го запознала министерот за одбрана на САД со тековните процеси во одбранбената сфера и ги истакна позициите на Македонија во геополитичките процеси во регионот. Потенцирајќи го успехот постигнат со членството на Македонија во НАТО, посочила дека тој се должи на решителната политика, храбрите одлуки, но и на големата посветеност и работа во одбраната кои, во изминативе 30 години, носат и силен американски белег, информира во соопштение Министерството за одбрана.

-САД во целиот период од нашата независност беа и останаа наши најсилни поддржувачи и стратешки партнери, рече таа.

Изразувајќи задоволство од средбата, пренесува МО, секретарот за одбрана Остин истакна дека сојузништвото со Македонија високо се цени и е од исклучително значење за САД. Тој се заблагодари за долгогодишното партнерство и соработка во одбраната и нагласи дека тоа ќе продолжи да се развива со уште посилен интензитет.

Министерката се осврнала и на процесот на евроинтеграцијата и оценила оти застојот не оди во прилог на заложбите за стабилен Западен Балкан.

-Застојот во евроинтеграцијата на Македонија ја поткопува довербата во европските вредности и во храбрите одлуки што ги направивме како држава за да ги отстраниме препреките на тој пат. Сметам дека силен и координиран европски и американски ангажман би довел до позитивно придвижување и надминување на статус-кво во процесот, со што ќе се врати довербата во него и ќе се оневозможат влијанијата од трети страни, рече Шекеринска.

Шекеринска во Пентагон се сретна и со Колин Кал, потсекретар за политички прашања. На средбата стана збор за состојбата во Авганистан, новите предизвици во сајбер безбедноста, блокадата на преговарачкиот процес со ЕУ и заедничкото развивање на Криволак како НАТО полигон за армиски вежби.