Претходно, во два наврата беа промовирани 120 нови подофицери во Армијата од редовите на професионалните војници, во две групи.
Бидете горди на својата Армија и на својата држава, како што и тие се горди на Вас, им порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
– Не заборавјте кои биле желбите и предизвиците со кои сте се соочувале како војници и искористете ги да бидете подобри лидери и подофицери. Вие и Армијата сте навистина доказ дека работата носи резултати, им честита Шекеринска.
На тројцата најдобро рангирани Сашко Иванов прворангиран, кој доби и монета, второрангираниот Александар Николовски и Влатко Николовски треторангиран, им беа доделени сертификати.
Иванов во обраќањето нагласи дека пред 90 дена сплотени и еднакви го започнале основниот курс за подофицери и речиси не се познавале, но успеале да изградат тим со кој нашата армија може да се гордее.
– Нашата мисија не завршува тука, продолжуваме подготвени во новите предизвици што ни претстојат во понатамошната работа. Од денеска Армијата е побогата за 70 подофицери, високо обучени според највисоките НАТО стандарди, рече меѓу другиот прворангираниот подофицер Иванов.
Министерката Шекеринска, која присуствуваше на промоцијата во обраќањето честитајќи им на новите подофицери истакна дека поминатата тримесечна обука, првенствено ги научи да бидат лидери. Таа очекува и се надева да бидат дел од еден голем тим, како што рече, што ќе биде рбетот на оваа Армија.
– Сега имате сосема поинаква функција. Ќе треба да формирате тимови, да ги градите, да ги јакните, да ги охрабрувате и да ги правите подобри војници. Од денеска ваша е одговорноста професионалните војници, дел од нив и ваши довчерашни колеги и пријатели, да бидат мотивирани и фокусирани да ги вршат задачите, им порача Шекеринска.
Министерката за одбрана се осврна на посетата во вторникот на командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ, кој споменал еден факт, подвлече, а по повод потпишувањето на заедничката декларација за целосна воена интеграција во НАТО, изјавил дека Македонија го заврши процесот на целосна воена интеграција во НАТО во рекордно краток период, најбрз период што досега се случил во Алијансата.
Во таа насока, Шекеринска информира дека на Црна Гора и требале 26 месеци за да го заврши процесот, на Хрватска 43 месеци, на Албанија 55 месеци од моментот на членство во Алијансата. Ние, потенцира Шекеринска, успеавме да го завршиме целиот тој процес како 30 членка на НАТО, во рекорден период од 19 месеци.
На денешната промоција на нови подофицери на Армијата, Шекеринска најави дека од идната година ќе бидат добиени и нови оклопни транспортери, артилерците ќе добијат ново артилериско вооружување, припадниците на противвоздушната одбрана ново ПВО оружје. За летачите од воздухопловниот винг, информриа Шекеринска, од 2024 година натаму ќе се започне нова набавка на хеликоптери.