Образложувајќи ги примерите, Шекеринска зборуваше за улогата на жените политичарки во составувањето на Охридскиот договор, кој доведе до крај на конфликтот во 2001 година и воспоставување на хармонично мултинационално општество, за одлучноста во сработувањето на кандидатскиот статус за ЕУ во 2005 година и за трансформацијата и реформите во Армијата која под раководство на жена – министерка за одбрана, стана и Армија на НАТО.
– Јас бев избрана за министерка за одбрана во 2017 година и тоа за многу нешта беше „првпат“ – прва жена министерка за одбрана и првпат министер кој доаѓа од попрогресивна партија, што е веројатно и причината зашто избраа жена наместо маж за оваа позиција. Јас бев свесна дека иако бев присутна во политиката долг период, ќе се појави негодување и скептицизам. Станува збор за професија во која доминираат мажите, се појавуваа прашања за служење на војска, дали ми е јасно за каква област станува збор… Јас знаев дека мора да се соочам со тој скептицизам и знаев дека ние како тим мора да работиме десет пати повеќе за да ја постигнеме целта, нагласи Шекеринска.
Таа посочи дека сега, три или четири години подоцна, дури и оние, како што рече, т.н. „мачо-мажи“ не само во војската, туку и во општеството, мора да признаат дека жена во Министерството за одбрана ја понесе земјата кон НАТО и го помина прагот на Алијансата.
– Жена успеа после подолг период да го зголеми одбранбениот буџет, да ги зголеми платите, да ја подобри транспарентноста, да ги зголеми пензиите, да го подобри квалитетот на работа и живот во Армијата, истовремено не занемарувајќи го прашањето на родовата рамноправност, во ниту еден момент, рече Шекеринска.
Таа посочи дека начелото на ОН дека нема одржливи мир и безбедност без вклученост на жените, денеска е и начело на НАТО.
Министерката потенцираше оти еднаквите можности за мажите и жените се меѓу главните приоритети за Армијата на Република Северна Македонија, како што се меѓу првите приоритети на НАТО.
Жените во Армијата се околу 10 отсто, како и во многу други европски и земји членки на НАТО, што е далеку од проектираните цели.
Во Министерството за одбрана, рече Шекеринска, бројот на жени е во пораст и изнесува близу 58 отсто, а бројот на жените на раководни позиции се зголемува – повеќе од половината вработени на раководни позиции се жени, процентот на жени во меѓународните операции се зголеми од 4 на 9 проценти, се триплираше бројот на жени – полковнички, а првпат на позицијата аѓутант на претседателот е поставена жена.
– Жените во Армијата ја шират пораката дека нашата улога не е онаа како што некогаш била – една жена учи друга, туку секоја жена помага на многу и затоа мислам дека нашата улога како лидери во различни полиња, а особено во областа на одбраната, е од исклучително значење, заклучи министерката на панелот во Охрид.
Во своето излагање Шекеринска предупреди на насилството на социјалните мрежи што станува нова препрека за жените, особено за оние кои се малку похрабри.
– Онлајн насилството и кибер заплашувањето на жените станува сила која може да ги уништи сите наши напори и достигнувања ако сериозно не се соочиме со овој проблем. Бројките велат дека 41 процент од жените се соочиле со кибер заплашување и се плашеле за нивната лична безбедност, а 24 проценти се плашеле за безбедноста на нивните семејства. Жените имаат 27 пати повеќе можност да се соочат со онлајн насилство отколку мажите, потенцира министерката.
Панелот го отвори заменичката министерка за надворешни работи Фатмире Исаки, а со свои излагања се обратија Мирослав Јенча, помошник на генералниот секретар на Обединетите нации за политички прашања, Гордана Чомиќ, министерка за човекови права и социјален дијалог на Србија, Олта Џачка, министерка за надворешни работи на Албанија и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Во вториот дел од панелот се обратија косовската министерка за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала Шварц, директорката на Македонско женско лоби, Даниела Димитриевска, претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова и проректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Марјан Ѓуровски.