Двајцата министри имаа тет-а-тет средба која потоа продолжи со средба на двете делегации, на која стана збор за билатералната соработка во одбраната по членството на нашата земја во НАТО и регионалните иницијативи во безбедноста, информира прес-центарот на Министерството за одбрана.

По средбите двајцата министри дадоа изјави за медиумите во кои искажаа меѓусебна поддршка и ги истакнаа плановите за идна соработка.

– Одличните односи меѓу Словенија и Северна Македонија се пренесоа и во одбраната. Договорот за 2021 веќе го потпишавме и предвидовме активности кои ветуваат динамична соработка пред се во обуки и тренинзи, вежби, но и во развивањето на нашите НАТО капацитети, што е за нас од голема важност, рече Шекеринска.

Министерката се заблагодари на континуираната поддршка од Словенија и изрази очекување дека поддршката за почеток на преговори на нашата земја со ЕУ ќе биде еднакво гласна како што беше и за НАТО.

– За неколку денови Канцеларијата на НАТО во Скопје која долг период беше под управувачка палка и менторство на Словенија, ќе ни салутира за последен пат со порака дека мисијата е успешно завршена бидејќи Република Северна Македонија стана членка на НАТО, истакна таа.

Шекеринска посочи дека двете земји оваа година прославуваат 30. години независност и притоа упати честитка да словенечките граѓани и до министерот Тонин по тој повод.

Словенечкиот министер за одбрана, Тонин рече дека денешната средба била успешна и дека резултирала со заклучок за заедничко одржување на борбените возила и заеднички настап во НАТО мисии.

Министерот за одбрана на Словенија ја истакна, како што рече, храброста на Владата при постигнувањето компромис со Грција и влезот во НАТО. Тој нагласи дека Македонија заслужува да почне преговори со ЕУ и посочи дека словенечкото претседателство со Унијата јасно ќе го истакне тој став.

Македонската делегација во Словенија го посети и Националниот центар за кризен менаџмент при што се запозна со неговата улога и функционирање за време на криза.

Во попладневниот дел од посетатата Шекеринска ќе има средба со претседателот на Словенија Борут Пахор и со собраниската Комисија за одбрана, а ќе го посети и НАТО центарот за планинско војување.