Европските интеграции на Република Македонија, како и последните случување од регионален аспект, беа главна тема на денешната средба во Мадрид на шефот на дипломатијата Бујар Османи и шпанската министерка за надворешни работи, Европска Унија и за соработка Аранча Гонзалес Лаја.

– Убаво е да се биде во Мадрид токму на годишнината од ратификацијата во шпанскиот Сенат на протоколот за нашето членство во НАТО, и тоа во далеку построги, потешки и навистина – едвај изводливи мерки на ограничена работа. Со тоа се заокружи ратификацијата на протоколот од сите 29 земји членки, по што Република Северна Македонија стана 30-та членка на Алијансата. Дозволете да бидам нескромен: со ваквиот чин, со вонсерискиот напор што го направивте во рамките на шпанскиот Сенат, воведувајќи преседан првпат да се гласа преку видео конференција, Вашата земја секогаш ќе има посебно место за нашите граѓани и вие можете да сметате на Република Северна Македонија како не земја која ви е близок пријател, истакна Османи, пренесувајќи ги пораките на благодарност во името на Владата и на земјата.

Тој нагласи дека веќе следната недела, повторно ќе се сретне со Гонзалес Лаја на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, на кој прв пат Македонија и Шпанија ќе бидат на заедничката маса, како полноправни членки и блиски НАТО сојузници.

– Нѐ очекуваат сериозни разговори и важни одлуки за иднината на Алијансата, за современите предизвици, и пред сѐ за процесот Рефлексија – НАТО 2030, посочи Османи.

Како што соопшти на средбата биле отворени и теми поврзани со европските интеграции на земјава, како и последните актуелности од регионален аспект.

– Нашето сојузништво во Европската Унија е исто така соочено со сериозни предизвици, каде се потребни одговорни и правилни одлуки. Една од тие е и одлуката од март минатата година, со која 27 земји-членки дадоа зелено светло за почеток на преговорите со Македонија, истакна Османи, потенцирајќи ја важноста од имплементацијата на оваа одлука, како за земјава, така и за целиот регион.

На средбата беше поздравен и напредокот во рамките на конференцијата за Иднината на Европа, при што Османи ја истакна потребата од поголемо и повидливо вклучување во оваа суштинска дебата и на земјите од Западниот Балкан.

На средбата беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји за меѓусебна соработка на дипломатските школи и едукација, што, како што се наведува во соопштението, претставува уште еден дополнителен чекор за унапредување на меѓусебната соработка.

Работната посета на Шпанија Османи ја заокружи со средба со претседателот на Комисијата за надворешни работи на шпанскиот Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонес, на која фокус беше ставен на европската интеграција на Македонија, добрососедските политики во регионот, внатрешно политичката состојба во земјата, регионалната соработка и севкупната состојба, како и за други актуелни меѓународни прашања.

Претпладнево, Османи имаше средба со Марија Аурора Мехија, директор за ЕУ и надворешно-политички советник на шпанскиот премиерот Педро Санчез, на која централна тема беше европското досие на Македонија и поддршката на Мадрид за европските интеграции на земјата.

Како што соопшти МНР, Османи ги претстави последните актуелности поврзани со реформскиот напредок на земјата, со посебен акцент на преземените активности во борбата против корупцијата и организираниот криминал. На маса беа ставени и регионалните односи и соработка меѓу земјите од Западниот Балкан, со посебен фокус на политиките на добрососедство.

– Покрај европското досие, соговорниците разговараа и за можностите од продлабочување на економските односи, меѓусебната поддршка во мултилатералните организации и секторската соработка меѓу двете држави, а беше дискутирано и за претседавањето на Република Македонија со ОБСЕ во текот на 2023 година, се наведува во соопштението.

Османи за време на престојот на Шпанија се сретна и со генералниот секретар на Светската туристичка организација, Зураб Пололикашвили, со кого разговараше за последиците од Ковид пандемијата врз туризмот, како и проекциите за условите и динамика за нормализацијата во овој сектор.