Тој рече дека само во Кисела Вода, на местата на некогашните диви депонии се подигнати над 22.000 метри квадратни нови паркови површини, каде се засадени над 1000 садници, а посочи и на низа други проекти кои се однесуваат на заштитата на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.
– Денес со гордост можеме да кажеме дека Скопје е првиот град во регионот кој воведува брз автобуски превоз. БРТ системот на брз автобуски превоз популарно наречен „трамвај на тркала“ на Скопје мора да му се случи. Со потпишувањето на договорот за заем од 70 милиони евра, со поддршка на Владата, процесот на воведување на БРТ во Скопје го доведовме до точка од која нема враќање. Скопје го заслужува најдоброто, рече Шилегов.
Тој го нагласи ефикасниот начин на работа денес, што го носи најдоброто за скопјани.
– Во Скопје 4 булевари се граделе истовремено само после земјотресот – и денес. Денес во Скопје за прв пат после повеќе децении се градат два нови моста истовремено. Минатата година реконструиравме и градевме вкупно 21 улица. Ја нарековме Градежна офанзива бидејќи на толку сообраќајници во една сезона се работело повторно само 2 пати, по земјотресот и денес. Низ улиците на Скопје денес се движат 33 нови ултра модерни еко автобуси на гас од реномираниот европски производител МАН. Покривот на ГТЦ беше детектиран од УНДП како т.н. топлотен остров, сега е полн со луѓе и зеленило. Ги реконструиравме сите средни училишта во градот, коишто сега имаат нови енергетски ефикасни фасади. Воведовме нов концепт за третман на комуналниот отпад. Ги променивме садовите за отпад со нови кои ги задоволуваат најсовремените стандарди за квалитет со можност за селектирање на отпад. Обезбедивме нови камиони и нови машини специјализирани за ефикасно чистење на јавни површини. Со субвенциите на инвертер клима уредите во Скопје денес чадат 5.000 оџаци помалку во однос на претходно, дополни Шилегов.
Тој констатираше дека „Новата приказна на Скопје е приказна за град којшто конечно се разбуди од сивилото и стана град на културата“, а зборуваше и за бројни реализирани проекти во општината Кисела Вода.
Кандидатот за втор градоначалнички мандат на Град Скопје, Петре Шилегов, на скопјани и на граѓаните на општината Кисела Вода им порача дека Најдоброто доаѓа и ќе се случи со заокружување на бројот 12, на локалните избори на 17 октомври.