Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, денеска на својот фејсбук објави фотографии со кои се пофали дека започнало демонтирањето на една од трите галии кои беа поставени во водата на реката Вардар во самиот центар на Скопје.

– Првата од трите галии во коритото на Вардар, почна да заминува во историјата. Скопје, една поинаква приказна, напиша Шилегов на фејсбук.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека станува збор за „чист предизборен маркетинг“.

– Четири години е градоначалник и две работи по кои ќе биде запамтен е рушење на галијата и засадување на едно сиромашно дрво. А само да потсетиме дека на скопјани им ветуваше подземен тунел под Кале, нови булевари, мостови и паркови, пишува во соопштението на опозициската партија.

Од опозицијата изразуваат надеж дека оваа офанзива за рушење на Шилегов ќе продолжи со неговата зграда дивоградба, за која како што велат е „изградена со украдените пари од тендери“.

– Третата работа која што е поврзана со градење а го има печатот на Петре Шилегов е зградата дивоградба која што ја изгради во време на неговиот мандат во скопски Карпош. Затоа Петре Шилегов освен тоа што ќе биде запаметен како најнеуспешниот градоначалник и ќе биде меѓу првите кои што кривично ќе одговараат за она што им го направи на скопјани.