Скопје станува дигитализиран, модерен европски центар. Додека другите зборуваат за модерно Скопје, ние тоа го спроведуваме во пракса. Скопје е првиот главен град во регионот којшто го започнува проектот на целосна дигитализација на услугите. Со Скопје „Смарт сити“, Скопје станува град без шалтери, нагласи на денешната прес-конференција градоначалнкот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој се бори за втор мандат на претстојните локални избори како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ.

Зборувајќи за проектот „Паметен град – Скопје“, што Градот веќе шест месеци го спроведува со „Македонски Телеком“, Шилегов рече дека сите услуги скопјани ќе ги добиваат и ќе ги даваат преку целосно дигитализиран процес.

– Сите плаќања, сите документи ќе бидат достапни на интернет или преку телефон на граѓаните. Освен ова секој граѓанин ќе може да го следи своето барање, до каде е неговиот предмет, до каде е секоја постапка и сето тоа ќе му биде достапно во секое време на неговиот мобилен телефон. Целосно го исклучуваме субјективниот фактор, односно контактот на граѓаните со администрацијата, со што целосно ја елиминираме можноста за корупција којашто може да настане во такви околности, рече Шилегов.

Тој посочи дека Скопје станува прв град во државата каде што граѓаните директно и сами ќе одлучуваат за тоа каде и како се вложуваат нивните пари.

– Со „Смарт сити“ граѓаните ќе имаат можност да ги уредуваат своите приоритети да гласаат за проекти, да изберат каде градот ќе вложува средства. Ова е историски исчекор во демократијата и начинот на управување на градот. Со ова воведуваме непосредна граѓанска демократија. Преку апликацијата на својот мобилен телефон Скопјани ќе можат да гласаат за предлози, да дефинираат приоритети, сами да креираат политики на градот, наведе Шилегов.