Дино паркот, фламингата, пингвините и слонови како дел од новата понуда на Скопје ЗОО, како што беше посочено, директно придонеле за зголемениот интерес за посети кој во просек се зголемил на над 30.000 посети неделно.
-Новиот Дино парк кој се простира на површина од 2000 м2 е тематски парк од забавно-едукативен карактер кој нуди забава и едукација за сите возрасти, а најмногу за најмладата популација. Има вкупно 41 реплика на диносауруси од креда и јура периодот, од кои дел се во природна големина со синхронизирани движења, проследени со звуци. Скопскиот Дино Парк е првиот на Балканот каде што има толкав голем број на фигури од праисториски животни, како и едукативни содржини за секој од различните видови животни“, истакна Шилегов.
Пингвинариумот е граден по светски стандарди и со идеални услови за живеење на пингвините. Составен е од внатрешен дел со затворен базен, надворешен базен од 180м2, подземен дел со филтри и пуми за вода, како и тераса од 120м2.
Живеалиштето на фламингата опфаќа внатрешен дел од 40м2 и надворешен дел од 120м2, со езерце и посебен дел за хранење. – Живеалиштето претставува една мала лагуна со многу зеленило и идеални услови за овој вод на птици. Град Скопје ја финансираше изградбата на двете живеалишта за фламинга и пингвини кои заедно чинат околу 17,7 милиони денари, истакна Шилегов.
Понудата на скопската ЗОО е збогатена и со белгиските слоници Дуња и Даела за кои е изградено ново живеалиште, со отворен и затворен дел.
–Град Скопје и Зоолошка градина работат на поставување нови стандарди на квалитет и поголема благосостојба на животните. Во континуитет се работи и на едукација на посетителите, но и на облагородување на просторот со нови атрактивни содржини кои привлекуваат се поголем број посетители од кои голем дел се странски туристи“, рече Шилегов.