Високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит до крајот на денот треба да донесе нови одлуки за да се деблокира процесот на именување на Владата на Федерацијата БиХ, објавија сараевските медиуми.
Таа информација ја објавија регионалната телевизија Н1 која се повикува на неименувани дипломатски извори во Сараево и порталот Кликс кој наведува дека Шмит подготвува три одлуки, од кои две се однесуваат на формирање нова влада на Федерацијата Босна и Херцеговина.
Една од одлуките, како што се наведува, би била краткорочна, а според неа не би била потребна согласност од сите тројца членови на раководството на Федерацијата на Босна и Херцеговина, претседателот и двајцата потпретседатели за назначување нова ентитетска влада.
Втората одлука би била долгорочна и би се однесувала на тоа дека членовите на раководството на Федерацијата на Босна и Херцеговина можат да стават вето на формирањето на ентитетската влада, но, според Кликс, се уште не е прецизирано колку делегати во Домот на народите на Федерацијата Босна и Херцеговина треба да го поддржат тоа вето за да биде потврдено.
Третата одлука се однесува на префрлање пратеници од една во друга политичка партија по изборите, со цел „да се попречи купување гласови во парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина“.
Нејасно е и како ќе се спроведе таа одлука, бидејќи, според Изборниот закон на БиХ, носители на мандати се пратениците, а не политичките партии на чии листи биле.