Германскиот канцелар Олаф Шолц, за време на неговата посета на Кенија, денеска изјави дека ги поддржува африканските земји кои бараат постојано место во Советот за безбедност на Обединетите нации.
Шолц на својот домаќин, претседателот Вилијам Рут, му кажа дека верува во „африкански решенија за африканските прашања“, како што е актуелниот конфликт во Судан.
-Затоа, Германија ги поддржува напорите африканските држави да имаат постојани места во Советот за безбедност на ОН, а ние исто така поддржуваме формално место за Африканската унија во рамките на Групата 20 најголеми светски економии (Г20), рече Шолц по неговиот разговор со Руто.
Три африкански држави, Габон, Гана и Мозамбик, сега се непостојани членки на Советот за безбедност.
Многу лидери, вклучително и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно повикаа африканските земји да добијат барем едно постојано место во Советот за безбедност.
Шолц додаде дека е загрижен за конфликтот во Судан, во кој загинаа стотици луѓе, и посочи дека завојуваните генерали мора да престанат да се борат заради цивилите.
-Суданската армија и нејзината ривалска фракција РСФ мора да ја прекинат својата воена борба за моќ, која е штетна за народот, рече тој, додавајќи дека африканскиот континент мора да го преземе водството во изнаоѓањето решенија за таквите конфликти.
Пред да пристигне во Кенија, Шолц ја посети Етиопија, каде се сретна со претставници на Африканската унија.