Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ќе отпатува за Полска на неговата инаугуративна посета на Варшава и ќе биде примен со воени почести од полскиот премиер Матеуш Моравјецки, пренесе ДПА.
Според владиниот портпарол, разговорите ќе се фокусираат на билатералните, европските и меѓународни прашања.
Шолц и неговата централно-левичарска коалициска влада во средата положија заклетва, испраќајќи ги конзервативците на Ангела Меркел во опозиција, додека таа се повлече од политиката.
ДПА појаснува дека денешната средба во Варшава ја одбележува и 30-годишнината од Договорот за добрососедство и пријателска соработка меѓу Полска и Германија.
На крајот од посетата, Шолц ќе положи венец на гробот на непознатиот војник, централниот споменик на Полска за војниците кои ги дадоа своите животи за својата земја.
Варшава ќе биде трета европска престолнина што ќе ја посети Шолц откако ја презеде функцијата германски канцелар, откако претходно тој ги посети Париз и Брисел.
Германија и Полска јасно си ставија до знаење што очекуваат една од друга. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека ќе го повика Шолц да се спротивстави на почетокот со работа на гасоводот „Северен тек 2“, што ги поврзува Русија и Германија и ја заобиколува Украина.
Германија ги поддржа напорите на Полска да го запре приливот на мигранти од Белорусија и соопшти дека тоа ќе им помогне на Варшава и Брисел да најдат решение за спорот за владеењето на правото во Полска.
Но, новата германска Влада досега јавно не вети дека ќе го затвори гасоводот „Северен тек 2“ доколку Русија ја нападне Украина, како што тоа го бараат Варшава и Вашингтон.
Русија трупа војници долж границата со Украина, а американскиот претседател Џо Бајден му се закани на рускиот претседател Владимир Путин со остри економски санкции доколку руската војска нападне соседна земја.
Американските власти им кажаа на членовите на Конгресот дека Германија е подготвена да го затвори гасоводот „Северен тек 2“ во случај на руска инвазија на Украина, изјави во вторникот висок претставник на Конгресот.
Германските власти не ги потврдија написите, но Шолц во средата кажа дека Русија ќе ги претрпи последици доколку навлезе во Украина.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок пред два дена беше во сопствена инаугуративна посета на Варшава. Таа рече дека Германија се залага за заемно прифатливо решение за конфликтот меѓу Европската унија и Полска околу почитувањето на владеењето на правото.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатиот месец изрази загриженост за одлуката на Уставниот суд на Полска во врска со независноста на судството.
Новата германска коалиција на социјалдемократите (СПД), Зелените и ФДП во својот договор истакна дека сака да работи за Европската унија „која ги штити нејзините вредности и владеењето на правото, и внатре и надвор“.