Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Стразбур силно се заложи за проширување и создавање геополитичка Европска Унија, ориентирана кон иднината.
– Европската Унија мора да се промени. Потребна ни е геополитичка Европска Унија, проширена и реформирана и ориентирана кон иднината, рече Шолц во својот говор пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.
Тој рече дека минатата година е донесена важна одлука во обликувањето на геополитичка Европа со доделување кандидатски статус на неколку земји, а со некои од нив се отворени и пристапни преговори.
– Им кажавме на граѓаните на земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и во перспективата на Грузија: вие ни припаѓате нам, сакаме да станете дел од нашата Европска Унија, рече Шолц.
Тој додаде дека не се работи за алтруизам, туку дека има економски причини за тоа и дека се работи за кредибилитетот на ЕУ.
Тој посочи дека се работи и за мир во Европа по пресвртницата претставена со рускиот напад врз Украина. Шулц потенцира дека правичната политика на проширување значи исполнување на ветувањата дадени пред сè на земјите од Западен Балкан на кои пред 20 години им беше ветена европска перспектива.
Успехот на политиката на проширување бара нормализација на односите меѓу Србија и Косово и продолжување на спроведувањето на реформите во земјите кандидати, истакна тој.
Германскиот канцелар се заложи за мултиполарен поредок во кој Европа ќе биде добро место за живеење, рамноправна со другите региони и земји во светот.
Тој вели дека Европа има глобална одговорност и дека нејзината благосостојба не може да се одвои од ситуацијата во остатокот од светот. Шолц рече дека треба да се зајакне европската одбранбена индустрија, соработката во областа на воздушната одбрана, имплементацијата на Стратешкиот компас, поблиската соработка меѓу ЕУ и НАТО. Шолц се залага за зајакнување на трансатлантскиот сојуз на партнерска основа.
„Колку повеќе инвестираме во нашата безбедност и одбрана, граѓанска отпорност, технолошки суверенитет, доверливи синџири на снабдување и нашата независност од критичните суровини, толку подобри сојузници сме на нашите трансатлантски пријатели“, рече Шолц.
Германскиот канцелар побара континуирана поддршка за Украина во нејзината одбрана од руската агресија и помош од ЕУ за повоената обнова на земјата.
Во однос на односите со Кина, која ЕУ ја дефинира како партнер и системски ривал, Шолц посочи дека го поддржува пристапот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која рече дека е неопходно да се намали ризикот од зависност од Кина, а не одвојување од Кина.
Тој се заложи за партнерски односи со земјите од глобалниот југ, сериозно да се земаат предвид нивните грижи и легитимни интереси. „Затоа е важно Европа да покаже солидарност и да помогне во борбата против сиромаштијата, за осигурување снабдување со храна и да ги исполни ветувањата што ги даде во однос на заштитата на климата“, рече Шолц.
Тој истакна и дека е неопходно да се склучат договори за слободна трговија со земјите од Јужна Америка, со Мексико, Индија, Индонезија, Австралија, Кенија и во иднина со многу други земји.
„Европа мора да се сврти кон светот. Ако продолжиме со неплодни преговори за нови договори за слободна трговија во годините што доаѓаат, други ќе ги диктираат правилата – со пониски еколошки и социјални стандарди“, тврди германската канцеларка. (МИА)