Германскиот канцелар Олаф Шолц се заложи за обезбедување заштита на руските регрути кои бегаат од Русија и бараат заштита во Германија, објавија денеска германските медиуми.
Јас сум за обезбедување заштита на овие луѓе, рече Шолц во интервју за весникот „Ноје оснабрикер цајтунг“, одговарајќи на прашањето дали регрутите кои нема да одговорат на повикот за мобилизација во Русија треба да добијат политички азил.
Тој додаде дека пред да се обезбеди заштита, треба да се извршат брзи безбедносни проверки на секој поединечен апликант.
Се разбира, пред да обезбедиме заштита, секој апликант мора да го подложиме на темелна безбедносна проверка бидејќи треба да знаеме кого пуштаме во земјата, рече канцеларот.
Претходно, министерката за внатрешни работи, Ненси Фесер, се залагаше за обезбедување заштита на руските дезертери, но германската влада најави дека сака да најде решение „на ниво на ЕУ“.
Најголемата опозициска партија, Унијата ЦДУ/ЦСУ, претходно се спротивстави на давање заштита на луѓето кои сакаат да избегнат мобилизација во Русија.
Откако рускиот претседател Владимир Путин најави мобилизација на околу 300.000 луѓе на 21 септември, многу Руси бараат начини да не бидат мобилизирани и испратени во војна во Украина. Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Русија, заминувајќи во Казахстан, Грузија и други земји.