Советникот на Стејт департментот на САД, Дерек Шоле изјави дека го охрабрува косовскиот премиер Албин Курти да го прифати предлогот на ЕУ за нормализација на односите со Србија. Во објава на Твитер, тој вели дека разговарал со Курт за ова прашање во вторникот. „Клучна тема беше нашето партнерство и заедничката цел за унапредување на европската и евроатлантската интеграција на Косово“, напиша Шоле, наведувајќи дека со Курти разговарал и за унапредување на дискусиите за Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово.

Договорот за создавање на оваа заедница е постигнат уште во 2013 година во рамките на дијалогот за нормализација на односите Косово-Србија, со посредство на ЕУ, но тој никогаш не е спроведен. Властите во Косово велат дека не може да се создаваат моноетнички здруженија, додека оние во Србија инсистираат на формирање на договорената Заедница. Американската амбасада во Приштина за 31 јануари најави дискусија за Заедницата, наведувајќи дека се поканети претставници на граѓанското општество, функционери и други политичари. Од Владата на Косово не одговорија на прашањето на РСЕ дали Курти добил покана за оваа дискусија. Предлогот на ЕУ за нормализација на односите Косово-Србија беше доставен до двете земји на крајот на летото, но неговата содржина не е објавена во јавноста. Врз основа на верзијата до која РСЕ имаше пристап, таа не вклучува меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија, туку заложба на двете страни да не се попречуваат една со друга во процесот на интеграција.