Речиси 600.000 деца и адолесценти во Шпанија немаат педијатар или друг лекар кој ќе се грижи за нив, покажуваат податоците на Шпанското здружение на педијатри од примарната здравствена заштита.
Главниот град Мадрид и областа Навара се заедниците со најголем недостиг од овие професионалци. Потоа следат Андалузија и Каталонија. Се проценува дека за пополнување на ваквите позиции се потребни барем 600 лекари. Речиси половина од оваа работна сила е на возраст над 55 години и ќе се пензионира за неколку години, пренесува шпанската Радиотелевизија – РТВЕ.
Со оглед на состојбата на сѐ помал број педијатри, и консултациите по дете траат покусо…
Има многу фактори коишто доведоа до оваа состојба – небезбедни услови за работа на лекарите, преполни чекалници каде што има само еден професионалец, големи рурални области што треба покривање, како и недостиг од медицински сестри.
– Педијатрите избираат поинаков тип работа, бидејќи често работат прекувремено со силен притисок. Од друга страна, значителен дел од нас педијатрите се пред пензионирање и наскоро ќе се пензионираме, изјави Дора Бехарано, педијатарка.
Познавачите предупредуваат дека доколку децата не се згрижуваат навреме, ќе се има пораст во нарушувањата во исхраната и психолошки проблеми, како и бројот на деца со тешкотии во невролошкиот или говорниот развој.