Шпанската полиција во соработка со американската Агенција за борба против наркотици (ДЕА) заплени 2.300 килограми кокаин сокриен во рибарски брод недалеку од градот Вид на северозападот на земјата и уапси пет лица, соопшти шпанската полиција, наведувајќи дека дрогата припаѓала на „Балканскиот картел“.

Полицијата соопшти дека го пресретнала рибарскиот брод на околу 40 наутички милји од пристаништето Виго и уапсила четири лица на него, додека петтото лице кое го следело товарот побегнало во Мадрид, но подоцна е уапсено.

Во рамките на истата акција, полицијата извршила рација во два стана во А Коруња, каде запленила луксузен автомобил и околу 200.000 евра.

Акцијата на полицијата и ДЕА се случила на 11 септември, по истрага во која е утврдено дека „Балканскиот картел“ има намера да ги користи шпанските пристаништа како транзитна точка за кокаин од Јужна Америка, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на шпанската полиција.

Во соопштението се наведува дека шверцерите ја доставувале дрогата во Шпанија со контејнерски бродови, по што би ја претоварувале во помали бродови.