Бидејќи живееме во држава каде преовладува загрижувачка и алармантна статистика и каде над 30% од младите и над 50% од возрасната популација се пушачи, сметаме дека ваква „кампања“ е неопходна. Во претходните статии говоревме за штетните ефекти кои пушењето ги има врз нашето кардиоваскуларно здравје, респираторен систем, бубрези, крвен притисок и сл.
Денес издвојуваме уште еден потенцијален здравствен проблем кој може да се јави како резултат на пушењето, а тоа се проблемите со оралното здравје или здравјето на усната празнина.
На кој начин пушењето го загрозува оралното здравје?
Како што споменавме, пушењето е штетно за речиси сите ткива во нашиот организам. Но, можеби една област која најчесто се занемарува, а е сериозно изложена на штетниот чад од цигарите е всушност усната празнина. Луѓето кои се пушачи имаат зголемен ризик за заболувања на нивните непца, опаѓање и проблеми со здравјето на забите, компликации по зафати за отстранување на заб и појава на рак на усната празнина.
Кај пушачите, заздравувачките процеси во усната празнина се одвиваат побавно и тие се посклони кон инфекции. Затоа луѓето кои пушат е неопходно да одат редовно и често на стоматолог.
Едни од најчестите здравствени проблеми кои пушењето ги предизвикува во усната празнина се:
Заболувања на непцата
Рак на усната празнина
Омекнување на ткивото во усната празнина
Расипување на забите
Во некои случаи и опаѓање на забите
Побавно заздравување по операција во усната празнина
Намалено и ослабнато сетило за вкус
Лош здив
Пушењето и здравјето на непцата
Пушењето докажано предизвикува проблеми и го загрозува здравјето на непцата. Овие заболувања се најчесто предизвикани поради некаква инфекција која може да го оштети делот од коската кој ја дава потпората на забот. Бактерии и остатоци од храна се најчести предизвикувачи на ваквите инфекции. Тие прават наслаги врз забите кои доколку не се отстранат, градат цврст слој. Ваквиот слој може да ги иритира и дури да им наштети на непцата. Ваквата појава е доста почеста и понагласена кај пушачите.
Доколку некои од овие заболувања на непцата не се третираат соодветно и навремено, може да дојде до олабавување и опаѓање на забите. Секако, ова е крајно непожелно и губењето на заби може да биде доста штетно и особено да е предизвикувачки како што старееме. Тоа влијае врз естетскиот изглед, можноста да се храниме со секаков тип храна и може да влијае врз говорот.
Ризикот за заболувања на непцата е значително поголем за пушачите.
Луѓето кои пушат под 10 цигари на ден имаат зголемен ризик во однос на луѓето кои воопшто не пушат.
Луѓето кои пушат поголем број на цигари, имаат дури 4-5 пати поголеми шанси за појава на заболувања на непцата.
Пушачите имаат зголемен ризик за инфекции и во некои екстремни случаи и опаѓање на забите.
Пушењето го намалува дотокот на крв до непцата и со тоа го отежнува забележувањето на заболувањата на непцата кои најчесто се манифестираат со крварења од непцата.
Пушењето е штетно за забите, а го зголемува ризикот и за појава на рак
Еден од помалку сериозните ефекти на пушењето е пожолтувањето на забите. Присутниот никотин и катран во тутунот се заслужни за жолтите дамки кои се појавуваат на забите кај пушачите. Кај долгогодишните пушачи, може да дојде до трајно, значително потемнување на забите кое навистина може да биде естетски непривлечно и непосакувано.
Еден значително посериозен ефект на пушењето врз оралното здравје е и ризикот за појава на рак. Иако белите дробови и грлото се најчестите предели каде се јавува ракот предизвикан од цигарите, ракот на усната празнина е исто така честа појава. Тој може да се јави на јазикот, образите, усните, како и во останатите делови од усната празнина.
Комбинацијата од алкохол и цигари дополнително го зголемува ризикот за појава на рак. Луѓето кои се откажале од цигарите, со текот на времето имаат ист ризик за појава на рак на усната празнина како и непушачите. Тоа значи дека никогаш не е доцна за откажување од оваа штетна зависност. Раната дијагноза на овој тип на канцер е клучна, бидејќи истиот може да се прошири и на други делови од телото.
Препораки за подобро орално здравје
Најдобрата препорака за пушачите е секако, да ги откажат цигарите и производите со никотин. Ова е најдобриот и најефективен начин да се спречи појавата на различни заболувања на усната празнина. Секако, откажувањето е навистина тешко, па за почеток и намалување на бројот на испушени цигари може да биде делумно ефективно. Следниот чекор е целосно откажување, кое може да е сериозен предизвик за многумина, но секогаш постои и поддршката и помошта од стручни лица, вашите најблиски и сл.
Fibro Gel
За одржување и зачувување на оралното здравје, кај пушачите и непушачите, се препорачува:
Редовно миење со паста за заби (барем два пати во денот)
Редовно користење на забен конец (барем еднаш во денот)
Посета на вашиот стоматолог барем еднаш годишно, понекогаш доколку е потребно и почесто.
Редовно пиење на вода и користење на гуми за џвакање може да има позитивно дејство врз оралното здравје – главно преку контролирање на pH вредноста на усната празнина преку подобра секреција на плунка.
Лимитирање на внесот на алкохол.