Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов информира дека дозволата за квалитетот на водата од ХС „Злетовица“ ја чекаат веќе неколку месеци. Посочи дека се е подготвено за да почне преработката на водата во Филтер станицата со ултра модерната опрема за филтрација на водата, која преку цевковод од ХС „Злетовица“ ќе пристигнува во станицата.
– На мое огромно жалење морам да кажам Инститот за јавно здравје се уште нема направено потребно испитување и тоа е практично одолговлекување на временската рамка зошто оваа вода не е дистрибуирана до домакинствата. Станувва збор за вода којашто се користи во Пробиштип и Свети Николе, вели Јорданов.
Штип со вода за пиење во моментов се снабдува од бунарскиот систем, поради што граѓаните и понатаму плаќаат поголеми сметки.
– ЈП „Исар“ прави големи трошоци за електрична енергија за работа на препумпната станица и пумпи кои трошат огромна количина на енергија и затоа цената на водата од ХС „Злетовица“ е поевтина за нас како општина и јавно претпријатие, додаде Јорданов.
Приклучување на нови корисници практично значи и намалување на цената на водата, вели директорот на ХС „Злетовица“, Миле Илиевски, а до 2023 година цената на водата која ќе ја испорачуваат до петте општини ќе чини 4,60 денари плус 5%ДДВ.
-Тоа ќе се случува бидејќи во 2022 се очекува приклучување на ЈП„Исар„-Штип, голем потрошувач. Тоа значи дека нашите приходи се зголемуваат, а тоа значи дека системот ќе има повеќе пари, рече Илиевски.
Остануваат уште општините Карбинци и Лозово да се приклучат на ХС „Злетовица. Во Карбинци изградена е Филтер станицата, а се чека на цевководот, кој ќе води до осумте села, а во Лозово проектот тапка во место.